|
Декларација од
Првиот состанок на Тркалезната маса на НВО-и
за "Меѓуетничките односи во Македонија"
организирана од Европскиот центар за малцински прашања (ECMI)
(Европски центар за малцински прашања, Фленсбург, Германија,
10-13 декември 2000)
Од 10 до 13 декември 2000 г., во Фленсбург, во дух на конструктивна соработка се одржа првиот состанок на Тркалезната маса на НВО-и.
Сите присутни на овој состанок (видете ја приложената Листа на учесници), ја изразија својата едногласна поддршка кон целите на Пактот за стабилност во Југоисточна Европа и својата спремност да соработуваат едни со други како поддршка кон овие цели.
Освен тоа, учесниците ги повикуваат земјите-учесници во Пактот за стабилност да ја разгледаат можноста за воспоставување ефикасни канали за комуникација и соодветни механизми за консултација што ќе им овозможи на НВО-и и на цивилното општество од Југоисточна Европа да имаат директен пристап до Пактот за стабилност и особено до Работната маса 1 за човекови права и демократизација.
Македонските НВО-и присутни на Тркалезната маса, ги прифатија следниве принципи и план за акција, што треба да се доработат на еден од состаноците за проследување:
1. Заедницата на НВО-и има битна улога во продлабочувањето на демократијата, човековите права, социјалниот и економски развој и правда во Југоисточна Европа. Тркалезната маса на НВО-и служи да им помогне на НВО-и да ја спроведуваат таа улога во согласност со принципите на толеранција, меѓусебна доверба, ефикасност и транспарентност.
2. Тркалезната маса на НВО-и ќе воспостави структура која ќе им помага на НВО-и во креирање на проекти, формулирани во согласност со овие принципи. Посебно се охрабрува меѓуетничката соработка усмерена кон овие цели.
3. Помагачите на ECMI, во тесна соработка со локалните проект-партнери, ќе формираат една електронска мрежа за консултација помеѓу НВОи-членки и еден веб-центар за ресурси за заедничка изработка на проекти.
4. Исто така, ECMI ќе обезбеди директна помош на НВОи-членки во изготвувањето на нацртот за предлог-проекти преку својот сопствен персонал и преку воспоставување врски со агенциите за финансирање, вклучувајќи го и Пактот за стабилност за Југоисточна Европа.
5. Освен НВО-те, присутни на состанокот на првата Тркалезна маса, ќе бидат поканети и други, за да дадат свој придонес кон процесот на проследување што треба да се организира на вториот состанок на Тркалезната маса која треба да се одржи во април 2001 во Република Македонија.
Фленсбург, Германија, 5 февруари, 2001 г.
|